Градот убав пак(?) ќе никне

December 18, 2009

Гордан Георгиев, во својата колумна во Утрински насловена „Нашето Скопје“ (внимавај! политички маркетинг), пишува за промената на културниот живот во градот. Накратко, тоа што тој го определува како „културно урнисување“ на градот, според него во најголема мера се должи на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Иако се согласувам дека актуелната конзервативна власт во таа смисла има свој печат (кој не треба да се игнорира) и на културниот живот, сепак мислам дека одговорот треба да се бара на друго место.

Размислете. Оваа година полнолетна стана генерација која е родена во 1990тите, значи без никаква меморија на 1980тите. Не правам нормативна квалитативна разлика помеѓу периодите, туку само потсетувам на фактот дека новите генерации своите херои ги има во транзицијата. Новите вредности се поинакви, не неопходно многу полоши, но со поинакви ефекти, вкусови, потреби итн. Сите кои што читам како, во последно време, коментираат за „падот“ на културниот живот се или во своите доцни 20ти или во рани 30ти. Значи, родени најдоцна на почетокот на 80тите, во едно друго време. И повторно, не навлегувам во тоа дали тоа време било подобро, туку само потенцирам дека било поинакво и сеќавањата од тое време, за голем дел од тие генерации, биле некаков фактор во обликувањето и на културниот живот.

А инаку се сложувам со Гордан, дека на Скопје му фали Brick Lane. (иако е калдрма ;-) Меѓутоа, тоа е маргинален проблем на културниот живот во Скопје… а на градот (и на Републиката) и требаат слободарски принципи врз база на кои ќе се креираат политиките, меѓу другите и културните. Така, негувањето на маргиналните култури нема да биде резултат на ад-хок волјата на некој добронамерен политичар, туку резултат на систем во кој тие самите лесно ќе се репродуцираат. Еден таков принцип е негување на слободни зони, во Скопје и во републиката, кои локалните власти (или државата) ќе ги дадат на користење на различни здруженија и иницијативи. Таквите локации можат да послужат како автономни или алтернативни точки каде оние кои сакаат да бидат поинакви ќе можат да си најдат свои истомисленици. Градот Пула, на пример, се откажа од огромна касарна во центарот на градот и ја подари на фолклорни друштва, невладини организации, хакери, металци и панкери. Една таква активност мислам дека би била добар почеток, за СДСМ или ДПМНЕ, таму каде што имаат влијание, да создадат потенцијал за културен плурализам кој ќе се создава „од долу“. Носталгијата е непотребна, бидејќи Скопје, за добро или лошо, никогаш нема да биде ист. Градовите се менуваат – тие така живеат.

Враќањето на калдрмата

December 14, 2009

Граѓаните на Скопје позитивно ја примија одлуката да им се врати калдрмата на градскиот плоштад. Се разбира, откако:

    Добија брз трамвај и разработена мрежа;
    Градските власти купија 5000 велосипеди;
    Градската библиотека стана најголема на Балканот;
    Универзитетот во Скопје стана едукативен центар на регионот;
    Театрите во Скопје добија буџет да се реновираат и купат нова опрема;
    Освен во „Рамстор“, „Фросина“ и „Кинотека“, филмовите се вратија на големите платна во „Центар“, „Култура“, „Напредок“, „Бамби“…;
    Се изгради уште една концертна сала;
    Градот го реши проблемот со депониите и почна да рециклира;
    Градот почна да произведува енергија од ѓубрето што го собира;
    Престана да има огромни загуби на вода во дистрибутивниот систем до граѓаните;
    Наместо на споменици за минатото, парите ги троши на култура ориентирана кон иднината;
    .
    .
    .

Да бидам јасен – повеќе ја сакам калдрмата од плочите, ама кога штетата е веќе направена, дајте малку осет за приоритети.

Т’га за оптика

December 4, 2009

Орелски крилја как да си метнех
и в наши ст’рни да си прелетнех!

На четријсет мегабита ја да с’рфам,
да видам торент, стриминг да видам,

Да видам дали јутјубо тамо
побрзо лоудират, отколку вамо.
Ако не како овде пиртупир го пречит,
или пак долго филмови слегвит:

На п’т далечни ја ке се стегнам,
и в наши ст’рни ке си побегнам.

remixed from versemaster Konstantin

Водич за хомофобна дискусија на Веб 2.0

November 15, 2009

Последните неколку дена, има експлозија на дискусии во Веб 2.0 сферата околу правата на хомосексуалците (некогаш проширена и за бисексуалците и трансродовите личности) каде, нормално, се соочуваат оние кои се „За“ промоција на правата и оние кои се „Против“.

Киберкотле дојде до ексклузивниот водич кој го користат оние кои се „Против“. Ви го објавуваме делот посветен на „толеранција“:

Толеранција е термин кој педерите го користат за да се повикуваат на некои си тамо права. Меѓутоа, толеранција не е почитување на права. Толеранција е не-тепање на педерите се додека не ги гледаме и се додека се кријат. Бидете внимателни како го употребувате ова. Еве една ситуација:

Педерот: Ама на луѓето им се загарантирани некои права нели?

На ова најлесно се одговара со: И јас имам права. Јас ништо не ти правам. Но ти сакаш да ми ги прекршиш моите права и почнеш јавно да се љубиш со дечко ти.

На ова педерот може да ти одговори: Ама и ти се љубиш со девојка ти јавно, зошто јас да не можам со дечко ми?

Тука имате можност дополнително да ја дефокусирате дискусијата:

1. Бидејќи и јас имам права и неќам некој да ми мафта со својата сексуална ориентација; (овој одговор иако делува дека не поминува секогаш најдобро, неговото упорно повторување е добар начин како дискусијата да се вовлече во бесконечен круг)

2. Бидејќи, ради амбасадорите присутни во земјава не е модерно да се кажува вистината, дека е гнасно тоа што го прават и ќе горат во пеколот, многу добра стратегија е да се дефокусира темата и се спомене мало дете (машко дете е поефективно без разлика дали е синче или роднина). Било каков апел за општествена акција да се заштити нивната невиност секогаш го грее срцето на оние кои се согласуваат со вас. Реченици од типот „не сакам мојот син да гледа машки фатени за рака во парк“ е добар начин како да се воведе дискусијата во таква дигресија.

[...]

Многу е важно како да ја заокружите дискусијата и и дадете поширок општествен контекст. Сите знаеме дека најдобри другарчиња на педерите се наркоманите па според тоа употребувајте ги тие паралели. Добра реченица за крај секогаш содржи некаква желба за иднината, од типот:
„Ако немаме по што да се водиме кој знае кај ќе ни биде крајот. Не сакам Скопје да стане Амстердам“.

Fire Drills and City Skills

October 31, 2009

Има нешто чудно во градов Лондонски…

Знам дека сум во некаква заблуда, ама приметив една интересна работа:

Додека се возиш со автобус во Лондон, одеднаш автобусот може да застане на една од станиците, да ги отвори вратите и да не продолжи. Не ми е јасно зошто ова се случува… една од претпоставките е дека неколку-часовната смена на возачот завршила и сега тој не смее (во смисла на тоа дека долго време возел) да продолжи понатаму. Ако таа моја претпоставка е точна, тоа е поради тоа што (1) не треба да вози повеќе од икс часови дневно и (2) ако вози повеќе од икс часови дневно, тоа значи дека е преморен и ги доведува патниците во опасност.

На крајот на краиштата – не е битно дали е така како што јас како новајлија во овој град мислам дека се случува – интересен е односот што луѓето го имаат кон таков „прекин на услугата“. Никој не е робот, па секогаш се слуша незадоволното „ах“ ама луѓето се помируваат со таа реалност и тргнуваат да го бараат следниот автобус. Слично е и во метрото, кога луѓето се потсетени дека возот ќе им доцни, поради разни причини (една од нив е ‘due to a person under a train’)… никој неќе да доцни, ама сите после иницијалното „ах“ продолжуваат понатаму.

Тоа ме потсети да подразмислам за функцијата на градот и на односот на луѓето кон „градот како комплекс“. Да живееш во метропола не е лесно. Тоа што е битно е да ја сфатиш комплексноста и меѓузависноста на повеќето работи кои го сочинуваат градот. Една од тие работи е јавниот транспорт, иако приказната не завршува само таму. Имам чувство дека некои луѓе во Скопје не го сфаќаат градот како „комлекс“ на повеќе луѓе. Не сакам да промовирам конформизам, но комплицираните системи како градовите (и воопшто било која човечка заедница) сепак значат перспектива која го гледа човекот само како „делче во системот“, но тоа што е побитно, тие комплицирани системи ги упатуваат луѓето едни на други. Да не се биде нервозен кога автобусот одеднаш ќе ти застане, е некаква свест дека и возачот има свои лимити, дека и покрај тоа што тој автобус застанал и прекинал да ме вози, претходно пренел стотици патници на своите дестинации, па и немам причина зошто да се лутам.

Ова ме води на вториот (и пократок) дел од приказната, а тоа се „омразените“ вежби за безбедност при пожари. Досега ги „извежбав“ два пати, и тоа еднаш во студентскиот дом и еднаш на школо. Додуша, една од двете „вежби“ фактички и не била вежба, туку вистински аларм предизвикан од „спреј за коса“ (не ме прашувајте зошто – не знам).

Свесен сум дека вежбите се веројатно поради осигурителните компании, но не би можел да аргументирам зошто не би требало да ги има. Да, вежбите одземаат 30 минути од денот, ама изолирано од пошироката слика, тие вежби ги учат луѓето како да се спасат при пожар. Тоа некако ме потсети на некои „играрии“ од „дневен престој“ на крајот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите кога се вежбаа трикови за ургентни ситуации како земјотрес, пожар, „атомски с десне“ и слично. Ах, тоа беа времиња. ;-) Можеби сега сме слободни, ослободени од страв и редовни замарања со против-пожарни вежби во Скопје, но дали тоа е поради тоа што некој одлучил дека тоа „непотребно замара“ или очигледно на никому не му е гајле за луѓето, посебно во масовни живеалишта, како студентските домови во Скопје на пример.

 
Powered by Wordpress and MySQL. Theme by Shlomi Noach, openark.org